УХМР предупредува: силен ветер над 80 км/ч ноќеска и утре претпладне

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде метеоаларм поради силен ветер.
Според УХМР, под влијание на јужно воздушно струење, од вечерните часови, во текот на ноќта и утре претпладне наместа ќе дува силен југозападен ветер, кој повремено ќе надминува 80 километри на час.
Ноќта и утре претпладне ќе има и дожд. Тој ќе биде пообилен во западните делови, каде се очекуваат и над 15 литри на метар квадратен.
Во Скопје ќе дува умерен до засилен ветер од променлив правец, а температурата ќе биде значително над просекот за ова време од годината. Вечерта и ноќта ќе има повремен дожд.
Извор: УХМР, официјално соопштение